„Послушајте Македонци…“ думите на Пулевски, Мисирков и Конески за македонскиот јазик

Македонскиот јазик е еден од најзначајните темели врз кои е граден македонскиот идентитет. Неговото значење и посебност секогаш биле потенцирани од сите оние дејци кои низ историјата со своето дело и заложби се вградиле во посебноста на македонскиот народ и неговата култура воопшто. За тоа постојат многу сведоштва во форми на мисли и текстови искажани во различни дела и пригоди. Во сите нив стремежот е ист – на посебниот македонски народ му припаѓа и посебниот македонски јазик кој треба да се чува и негува.

Дејци како Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Ѓорѓија Пулевски, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин, Блаже Конески… во разни периоди од македонската историја дале свој придонес во зацврстувањето и развивањето на македонскиот јазик.

Ѓорѓија Пулевски, големиот македонски културен и национален деец, во својот „Тријазичник“ од 1875 година посочува:

-Што се велит народ? – Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еднаков збор и који живувајет и се другарат еден со други и који имејет једнакви обичаји и песни и весеља. Тие људите ји викајет народ, а место во које живуват народ се велит отчество од тој народ. Така и Македонците се народ и местово нивно је Македонија, напиша Пулевски.

На почетокот на XX век, Крсте Петков Мисирков во своето капитално дело „За македонцките работи“, во статијата насловена „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“ ја продолжува на идејата за одделен македонски литературен јазик, иницирана од Ѓорѓија Пулевски.

„Но iас ке си дозвол’ам да повторам. Она iет: прво, Македониiа да се неутралисат за Бугариiа и Србиiа и да се оддалечит iеднакво од двете држаи и друго, она требит да се обiединит на iазична осноа. Тиiе принципи ке ракоодат изработуаiн’ето на литературниiот наш iазик; они ке ракоодат и праописот. На тиiе два принципа одгоарат: 1, Прилепцко-Битол’цкото наречиiе за литературен iазик, као iеднакво далеко и от србцкиiот и бугарцкиiот iазици, и централно во Македониiа. 2, фонетичниiот праопис со употребените во таiа книга писмени знакои и со мали отстапки на етимологиiата и 3, речничниiот материiал да iет собраiн’е от сите македонцки наречиiа.“, посочувал Петков Мисирков.

Понатаму, во 1939 година е објавена поетската збирка „Бели мугри“ од Кочо Рацин која е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори. А тука се и делата: драмата „Ленче Кумановче“ („Бегалка“) од Васил Иљоски, „Печалбари“ од Антон Панов, „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле.

Круната на сите овие стремежи беше одлуката на АСНОМ на 2 август 1944 година македонскиот јазик да се воведе како службен јазик во македонската држава, што е официјално озаконување на литературниот јазик и неговата практична примена. Потоа, следува и конкретна кодификација на македонската азбука и на македонскиот правопис, во што клучна улога имаше Блаже Конески.

– Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Се‘ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски- ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште, порача академикот Конески.

Таа обврска за чување и негување на македонскиот јазик е потребна и денеска.

Претходна вестРусковска испитува зошто Спасовски со месеци не го затворал техничкиот преглед во кој амин доби и „Беса транс“
Следна вестПроменливо време со услови за дожд во попладневните часови