Потпишан Темелниот договор меѓу Владата на Црна Гора и СПЦ

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и српскиот патријарх Порфириј денеска во Подгорица го потпишаа Темелниот договор со кој се регулира функционирањето на СПЦ во Црна Гора.

На потпишувањето на договорот присуствуваа и црногорскиот министер за правда Марко Ковач и митрополитот црногорско-приморски на СПЦ Јоаникије.

Владата на Црна Гора и Српската православна црква претходно официјално не го објавија доаѓањето на патријархот Порфири во Подгорица, а точниот датум на потпишување на договорот не беше јавно соопштен.

РТС јави дека за време на потпишувањето на договорот, пред вилата „Горица” во главниот град на Црна Гора протестирала помала група граѓани, а полицијата ги блокирала приодите до вилата.

Потпишувањето на Темелниот договор подолго време беше одложувано, а прашањето предизвикуваше и политички и општествени несогласувања во Црна Гора.

За дел од владеачкото мнозинство, ДПС и Социјалдемократската партија, договорот е спротивен на националните интереси на Црна Гора, не е во согласност со Уставот и законите на државата и е спротивен на секуларниот карактер на државата. Со Уговорот, на пример, државата и го признава на СПЦ правниот континуитет од 1219 година. Со договорот на СПЦ и се гарантира “неповредливо право на своина врз манастирите, храмовите, зградите и другите недвижности“ во Црна Гора, на СПЦ и се дава право да врши „јавно-правни овластувања“, државните органи не смеаат да преземаат безбедоносни мерки во црковните објекти без претходно одобрение на надлежни црковни органи, а изведувањето на „православна верска настава во јавните училишта ќе биде регулирано со посебен договор помеѓу двете страни“…

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ пред неколку дена се закани дека ако биде потпишан договорот со СПЦ, ќе ја повлече поддршката што неговата партија ДПС досега и ја даваше на малцинската Влада на премиерот Абазовиќ, што би довело до нејзино паѓање.

-Доколку се потпише Основниот договор за кој јасно проценивме дека е спротивно на државните интереси на Црна Гора, како што беше усвоен од Владата, нема сомнеж дека ќе ја процесираме иницијативата за смена на Владата. Парламентот продолжува да функционира, тој работи, закажуваме избори, изјавил претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ во интервју за Н1.

Фото: Влада ЦГ

Претходна вест46-годишна неготинчанка е во кома откако ја претепал партнерот
Следна вестКакво време дојде, да ти е страв кога на празник ќе запеат