Премиера на „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона во театар Комедија

Во театар Комедија денеска ќе се одржи премиера на „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона. Станува збор за пиесата „Череп во Конемара“ од светски познатиот драмски писател и филмски работник, Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ, кој е воедно и преведувач на драмите на Мекдона на македонски јазик, заедно со драматургот Горјан Милошевски.

Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе. Недолго по разменувањето на првите реплики, се открива дека, всушност, ликовите се неморални, лицемерни, злобни, а дека Конемара е место каде што владее безвластие, па и најситна кавга или зајадлив коментар може да поттикнат насилство, па дури и убиство.

Мартин Мекдона (1970) е препознатлив по својот апсурдистички црн хумор во драмските текстови и во филмските остварувања. Неговите најуспешни пиеси се сместени во Западна Ирска и се напишани на ирски идиом. Комбинацијата од руралните ирски предели и изместениот урбан сензибилитет им дава мрачен, насилен и смешен призвук на неговите дела.

Следната изведба на „Череп во Конемара“ е предвидена на 26 јануари 2024 година.

Претходна вестЦУК: По сообраќајна незгода во Грција тамошните повредени помош добиле преку Струмичкиот 112
Следна вестКриумчареле автомобили во вредност од над половина милион евра, поднесено обвинение против 18 лица