Приведени, изјави и префрлување одговорност за бегството на Мијалков – МВР вели тој е уште тука

Има приведени лица во врска со бегството на Сашо Мијалков, пронајдени се предмети, има изјави, уште лица се повикуваат на распит… сознанијата се дека Мијалков се уште е во Македонија.

Вака накусо може да се сумира прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посветена на бегството на Сашо Мијалков викендов и кој за тоа сноси одговорност.

Спасовски денеска излезе со временска рамка за тоа како течела комуникацијата со институциите од моментот кога Обвинителството ја имало информацијата дека се планира бегство на Мијалков до моментот кога е констатирано дека него го нема во саботата и неделата:

– Саботата 12:30 часот – повик од Русковска за сознанија дека Сашо Мијалков подготвува бегство;

-Сабота 17 часот – известување од Обвинителство за сознанија дека се подготвува бегство преку зелената граница;

-Сабота 22:30 часот – издадена е наредба за полициско дејствување на улици и објекти, за 24-часовен надзор, за прикриено полициско дејствување и ангажирани се тимови со полициски службеници;

– Недела околу 11 часот – директорот на БЈБ добива повик од обвинителството, а потоа и барање за појаснување и дополнителни информации. Издадени се насоки да се ангажираат дополнителни служби низ градот Скопје, посебно на излезните точки;

– Недела, околу 14 часот и 40 минути, од правец МЕПСО кон хотел „Мериот“ е забележан Мијалков со женско чице и три машки лица, по што влегуваат во подземните гаражи;

– Недела 15 часот – забележан излез на три возила, но не можело да се утврди дали и Мијалков е во возилата што се упатуваат по улицата „Славејко Арсов“, која се наоѓа под улицата „Тодор Александров“;

– Недела околу 21:30 часот – утврдено е дека Мијалков не е таму. Извршени се пребарувања на три стана на Мијалкови, и на стан на улицата „Народен фронт“, а преземени се и други активности со цел пронаоѓање на лицето.

Од излагањето на Спасовски може да се заклучи дека тој ја отфрли целосно одговорноста од себе, истакнувајќи дека одговорност се презема ако нешто не се преземе или се преземе нешто намерно кое би придонело за бегството, што според него не е случај. Тој сепак посочи дека Обвинителството не изрекло притвор навреме, иако рече дека истрагата треба тоа да го покаже.

-Не сакам да вперам прст во никого треба исто да се има предвид дека еден од обвинителите кога биле завршните зборови за „Таргет – Тврдина“, не велам некој кој бил надлежен за тоа, туку еден обвинител, имал непотврдена информација дека се планира бегство и ја пренеле на еден член на Владата, рече Спасовски, кој на потпрашањето за кој член се работи, рече дека ќе се дознае кога ќе дојде момент.

Спасовски рече дека се бара дали постоии „крт“ во инстуциите кој го информирал Мијалков, истакнувајќи дека тоа не е исклучено, имајќи предвид дека има остатоци од претходната власт.

Проверки се прават и во МВР.

За тоа каде е Мијалков сега, Спасовски рече дека може да говор само за сознанија, кои според говорат дека тој уште е во државата, бидејќи од 2017 година се наоѓа на стоп-листата и се работи на негово пронаоѓање.

 

Претходна вестПочинале 9 пациенти од вирусот, новозаразени се 509 лица
Следна вестКако на филм: Мијалков се појави во Обвинителството и се извини за непријатноста, имал температура