Продолжува санацијата на сидриштето пред Центарот за обука во Охрид

Следната недела продолжува реконструкцијата на старата и дотраена дрвена платформа во охридското Сидриште. Ова денеска го најави министерката за одбрана Славјанка Петровска која го посети посети армискиот Центар за обука на вода во Охрид. Таму ќе се реконструира делот кој се користи за паркирање на воени и цивилни пловни објекти и изградбата на потпорниот ѕид

Министерката истакна дека по увидот на состојбата направен минатата година, констатирано  е дека Сидриштето се наоѓа во многу лоша состојба и дека неговата понатамошна употреба може да ги загрози животите на корисниците. Петровска појасни дека по отворената јавна набавка и изборот на фирма, заради укажувањето на граѓанска организација дека има можност за загрозување на животната средина, реконструкцијата е стопирана и побарани се мислења од надлежните институции и УНЕСКО.

-Се обративме на надлежните институции – Министерството за животна средина, Заводот за заштита на културното наследство и УНЕСКО и сите по увидот кој го направија во документацијата, вклучително и Елаборатот за заштита на животната средина констатираа дека нема никаква опасност по животната средина, рече министерката.

Таа додаде дека активностите за реконструкција од страна на избраната компанија продолжуваат од понеделник и согласно договорот ќе траат 45 работни дена.

Реконструкцијата на платформата при која ќе се користат еколошки материјали се однесува на левата страна на Студенчишкиот канал и тоа во должина од 190 метри. Реконструкцијата се врши врз основа на истиот проект согласно кој е изведена реконструкцијата на десната страна на каналот

Претходна вестСе реконструира дел од водоводната мрежа на ул. „Антон Попов“ во Гази Баба
Следна вестВладиниот врв го промовира пред две години, а сега ТИРЗ го раскина договорот за изградба на фабрика за електрични автомобили „е.ГО“ во Тетово