Во вторник, на 18 април, во 20 часот во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи промоција на збирката раскази „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ од Влада Урошевиќ. Промотор е писателот Гоце Смилевски.
Расказите од книгата „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ ни покажуваат колку е важен не само градот во кој се пишува, туку и градот за кој се пишува; Влада Урошевиќ во Париз ја наоѓа и логиката и отвореноста кон подрачјата каде логичките закони не важат, или, попрецизно – каде што важи една поинаква логика, логика на невозможното. Низ тоа претставување на една полицентрична стварност, составенa од повеќе планови, понекогаш комплементарни, другпат спротивставени едни на други, кои ни овозможуваат да погледнеме на дејствијата и ликовите од различни точки, честопати со ефект сроден на мултиплицираните перспективи од делата на Ешер, Влада Урошевиќ со своите дванаесет раскази од збирката „Вонземјанки“ успева да оствари маестрална проза, вели Смилевски.
Влада Урошевиќ (1934, Скопје), автор на повеќе книги поезија и збирки раскази. Романсиер, есеист, патописец. Првпат навлегол во тајните на Париз во текот на студиската 1967/68 година, за потоа повеќепати да престојува во овој град. Ги препеал на македонски јазик поетските книги на Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Бретон, Мишо. Составил повеќе антологии, помеѓу кои и „Големата авантура – францускиот надреализам“. Своите доживувања на Париз ги опишал во книгите „Алдебаран“ и „Париски приказни“. Во овој град е избран за член на поетската академија „Маларме“, а таму, годинава, се случи (во исто време кога и во Скопје) неговото именување за добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
За неговиот најнов роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, тој ја доби наградата Роман на годината за 2022. Станува збор за седмиот роман на академик Урошевиќ, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.