Промоција во Куманово на „Радоста на постоењето“ на Симона Петреска

На 19 октомври (среда), со почеток од 19 часот, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе се одржи промоција на првата книга на Симона Петреска, „Радоста на постоењето“.

Македонската книжевна сцена се збогати со ново интересно и вредно дело, кое ги загатнува најважните работи во животот на секој човек. Насловот „Радоста на постоењето“ најавува дека авторката Петреска со оптимизам гледа на големиот предизвик кој почнува со самото раѓање. Всушност, таа веќе подолго време и работи како мотиватор и животен тренер.

Петреска преку својата книга ги поттикнува луѓето да зачекорат со сигурност и полет во животот и да го исполнат со радост, разбирање, благосостојба… Преку своите лични искуства и анализи, таа им вдахнува инспирација да ја пронајдат вистинската насока на својот пат кон духовно остварување.

Авторката си поставила цел да му помогне на читателот да живее во мир и хармонија, да оствари духовен развој, да биде благодарен за она што го има и да создаде поуспешен, поосмислен живот менувајќи ги своите мисли, емоции и однесување. Нејзината цел е остварлива, секако, ако читателот се нурне во напишаните редови. Спојувајќи ги јазикот на умот и јазикот на душата, авторката пишува со зборови кои допираат до сечие срце.

– Ако душата е земја, вие сте нејзини земјоделци. Посејте ѝ љубов и гледајте како во вас завладува хармонија, вели мотиваторката Петреска.

Инаку, книгата можете да ја најдете во сите книжарници на ТРИ и на книга.мк.

Претходна вестСпомениците чекаат нови волонтери, видоа дека нема фајде од скапо платените институции
Следна вестВМРО-ДПМНЕ бара вонредна седница на Советот на Скопје за спас на јавниот превоз