„Не сакаме тестирање“ извикуваат денеска пред училишниот влез на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ учениците и нивните родители кои не сакаат да полагаат квалификационен испит за упис во прва година. Тие бараат да се овозможи уписот на сите пријавени ученици, односно, формирање на уште две паралелки.
Во ова училиште денеска со почеток во 10 часот требаше да се одржи квалификациски испит. Во првиот уписен рок за професија медицинска сестра на настава на албански јазик, каде што се предвидени 102 ученика во три паралелки, а со ист број бодови се пријавени 166 ученици.
-Не сакаме да бидеме тестирани туку да бидеме примени сите. Има потреба за медицински кадар. Зошто оние што сакаат тоа да станат да не учат, ни рече една ученичка која беше дојдена со својот родител.
Надлежните од училиштето немаа одговор на барањата на родителите и учениците. За ова, извесно, ќе треба да се изјасни прво Министерството за образование.
Денеска, освен во скопското, тестирање треба да се изврши и во уште две средни медициснки училишта. Во СОУ „Димитар Влахов“ во Струмица, здравствена струка – медицинска сестра на македонски наставен јазик, слободни се 34 места односно една паралелка, а со исти бодови се пријавени 39 ученици, како и во СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп, здравствена струка – медицинска сестра на македонски наставен јазик, за 34 места односно една паралелка конкурирале 44 ученици со максинални (75) бодови.