Протести во Белград, се бара прекин на преговорите со Косово

Десничарските движења во Србија организираа протест против политика која ја води Вучиќ кон косовското прашање. Насобраните протестираа пред зградата на претседателството, а припадници на српската полиција спречија протестантите да влезат внатре.

Учесниците на собирот претходно отстраниле дел од заштитната ограда пред зградата, а некои ја гаѓале зградата со јајца. Тие кон главниот влез во Претседателството се упатиле, како што наведоа, за да му предадат барања на претседателот на Србија Александар Вучиќ, а главниот е прекин на дијалогот со Косово.

Протестот го организираше десничарската организација „Народни патроли“. Нејзиниот лидер во обраќањето до присутните кажа дека никој во владејачката Српска напредна партија (СНС) „не може да се нарече Србин“. Кнежевиќ им се обрати, како што кажа, на новинарите на странските медиуми на англиски, кажувајќи дека тие (учесниците на собирот) „го преферираат рускиот предлог“ за Косово, наместо француско-германскиот.

Демонстрантите извикуваа „Србија, Русија“ и „Предавство“. Организаторите на протестот ги повикаа властите во Белград да се повлечат од преговорите со Косово и претседателот на Србија Александар Вучиќ да не учествува во дијалогот.
Дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската Унија и се води од 2011 година.

Претходна вестГрузиската црква ќе одржува богослужби со МПЦ-ОА без да и ја признае автокефалноста дадена од СПЦ
Следна вестГачевски до навивачите: Играме за Комити, играме за Вардар, вашата поддршка ни е најпотребна