Денеска со почеток во 20 часот, на јутјуб каналот на независниот театар „Wonderland Theatre“ ќе се емитува он-лајн театарската премиера „Илузии“. Работена е според мотиви од истоимената драма на најпознатиот современ руски писател Иван Вирипаев.
Режијата е на Нела Витошевиќ, а улогите се на актерите: Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Монтажата ја направи Васил Христов. Музиката е на Огнен Анастасовски.
-Секој ден откако ќе започнеше полицискиот час, екипата се собираше да пробува на интернет платформите за комуникација. Тргнавме од идејата односно започнавме дебати околу тоа што би се случувало доколку пандемијата потрае подолго време?! Каков би бил светот?! Како би функционирале ние во новонастанатите околности?! Што би се случувао со уметноста, а што со театарот?!, објаснуваат од „Wonderland Theatre“.
Покрај Јутјуб каналот, претставата може да се следи и на Фејсбук страната на независниот театар.