Расчистено насилство во Куманово: Приведени девет лица, немало меѓуетничка пресметка

Девет лица се приведени а тројца малолетници се повикани на службен разговор, соопшти полицијата откако го расчисти инцидентот што се случил завчеравчер во Куманово.

Било констатирано дека станува збор за недоразбирање без никакви меѓуетнички елементи, јави агенцијата МИА

Од слобода се лишени Р.И.(18), Ф.А.(19), А.Д.(20), К.Г.(18), А.Т.(18), А.В.(18), А.С.(20), А.Б.(23) и Л.С.(19), сите од Куманово и кумановско, а на службен разговор биле повикани и тројца малолетници од Куманово.

-Тие се сомничат дека на 14 ноември на улицата „Карл Маркс“ во Куманово со тврди предмети му го оштетиле возилото на Б.Ш.(20) од Куманово, по што тој во обид да избега предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во паркирано возило. По целосно документирање на случајот против сите лица ќе следуваат соодветни пријави, соопшти МВР.

Претходно, медиумите објавија дека се случил напад врз младо момче од Куманово, а на социјалните мрежи се појави и снимка од инцидентот. На видеото можеше да се забележи како среде ноќ излегуваат голем број маскирани лица од автомобил и почнува бркотницата.

Во врска со инцидентот претходно се огласи политичката партија Алијанса за Албанците која повика на смиреност и максимална претпазливост и ги повика граѓаните на Куманово „да не наседнуваат на меѓуетнички провокации“.

Со реакција на Фејсбук се јави и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски: -Во интерес на јавноста барам одговор од надлежните во МВР во врска со синоќешните настани во Куманово. Кој тоа се обидува да го наруши соживотот во Куманово и дали оваа е само изолиран инцидент? Дали концертите кои пред пет дена го наполнија плоштадот со млади Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи, Бошњаци, Црногорци и други можеби вознемирија поедини политички субјекти и самопрогласени авторитети па навлегуваат во веќе видени сценарија? Чекам одговор од Спасовски, Ковачевски и Ахмети, објави Димитриевски.

Претходна вестКривична пријава за палење на канцеларијата на директорот во домот „Пелагонија“
Следна вестКовачевски го плаши Апасиев или се плаши од него?