Се бара леб повеќе, но и брашно – го слушаат ли пекарите револтот на граѓаните?

Без испораки на леб и денеска се најголем дел од маркетите во Скопје, а помали количества може да се најдат само во некои поголеми супермаркети кои имаат сопствено производство и во маалските фурни. Но, и таму лебот може да се најде само во раните утрински часови, по отворањето. На гондолите во супермаркетите може само да се најдат двопеци и одредени видови на специјални лебови чијашто цена е до 100 денари. Во приватните пекарници по градот најчесто може да се најдат само одредени видови печива кои и досега се произведувале но не и леб. На празните гондоли е истакната само цената од 33 денари.

Граѓаните се снаоѓаат на различните начини како да дојдат до леб. Некои успеваат да резервираат нарачка во приватните фурни навечер, а се поголем број е и на оние кои се решаваат сами да печат леб во сопствениот дом.

Во еден поголем маркет во Кисела Вода изутрина затекнавме еден граѓанин како купува повеќе килограми брашно.

-Нема да им се молам да купуваме леб. Дома имаме печка која ионака гори па ќе си направиме домашен леб. Ем поубав, ем поефтин, ни рече овој граѓанин.

На социјалните мрежи, пак, граѓаните го изразуваат својот револт против ваквата одлука на пекарите.

-Веднаш да им се одзема лиценцата за правење пекарски услуги без размислување… И не мора да прават, лебот им е со катастрофален квалитет, порача еден граѓанин на Фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.

Друг бара граѓанните да се здружат во реакцијата.

-Сега сите сложно да не купуваме и кога ќе се одмрзне цената па да видам за кого ќе прават леб. Брука од народ, алчен за пари и богатење. напиша тој.

Една граѓанка бара пекарите да ги вратат парите зе досегашното субвенцинирање на струјата.

-Да ги вратат парите и клуч на врата, а леб ќе си месиме, наведе таа.

Денеска нема најави за тоа како ќе се решава проблемот откако поголемите производители на леб решија да не го испорачуваат во маркетите како израз на протест по одлуката на Владата да ја замрзне цената на белиот и на полубелиот леб на 33 денари.

Доцна синоќа се огласи директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски. Тој упати смирувачки тонови до граѓаните, нагласувајќи дека не треба да се грижат и дека лебот чија цена Владата ја замрзна, ќе им биде достапен. Тој вели дека инспектоите се на терен и секој што не ја почитува одлуката, ќе биде санкциониран.

-Недозволиво е основен производ да не им биде достапен на граѓаните! Затоа апелирам да се почитува Одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот, а граѓаните нека бидат без грижа затоа што лебот кој е опфатен со Одлуката ќе им биде достапен, потенцира тој.

Претходна вестКоњ врзан за автомобил бил влечен низ скопските улици
Следна вестДојавите за бомби и денеска го прекинаа првиот училишен час