Се редат протести, матичарите го блокираа центарот, на УКИМ професорите побараа поголеми плати

Независниот синдикат на вработените во Управата за водење матични книги го блокираше сообраќајот на булеварот „Свети Кирил и Методиј“ и булеварот „Свети Климент Охридски“ во центарот на главниот град. Блокадата од страна на вработените во Управата за водење матични книги следува откако протестот пред Министерството за финансии, кој се одржа минатата недела, беше неуспешен, а нивните барања за повисоки плати и потпишување колективен договор не беа исполнети. Протестирајќи пред Министерството за финансии минатата недела, тие повторно ги повторија своите барања за потпишување колективен договор за кој постигнаа согласност со Министерството за правда, а со него се предвидува 30 отсто повисоки плати и 50 отсто од просечната плата за К-15.

Од друга страна, во дворот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска се одржа мирен протест на професорите и членовите на Сојузот на синдикати на УКИМ, кои побараа покачување на платите на научните работници и ненаставниот кадар.

Претседателот на Сојузот на синдикати  УКИМ, професорот Ангел Ристов посочи дека не е прифатен предлогот за покачување на платите најавен за од септември.

-Бараме најитно да се потпише нашиот колективен договор за којшто преговараме повеќе од една година за да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. Бараме значително да се подобри нашата материјална положба со вистинско и систематско покачување, четиригодишно покачување за да дојдеме до достоинственото ниво на плати во регионот. Доколку ова наше барање, кое што е легитимно, разумно и оправдано, Владата не го прифати, тогаш нашиот следен собир ќе биде пред Владата, истакна Ристов.

Во своето обраќање тој изјави дека македонските доценти имаат плата пониска од просечната плата во државава

-Овој протест е за да се искаже револтот поради тешката материјална положба на вработените, дополнувајќи дека автономија без достоинствени плати е илузија, рече тој.

Фото/архива, Управа за матични книги

Претходна вестУбаво: Општина Бутел додели 60 стипендии за најуспешните основци
Следна вестЛевица предлага нов закон на избор на уставни судии