Се слави Спасовден, празник на Христовото вознесение

Православните христијански верници денеска го чествуваат големиот празник Вознесение, наречен и Спасовден. Тој секогаш се празнува во четврток, на 40-тиот ден по Воскресението Христово – Велигден и со завршува поздравувањето меѓу верниците „Христос воскресе – Ваистина воскресе“.Господ во текот на 40 дена по своето воскресение им се јавуваше на учениците, зборувајќи им за царството Божјо.

Во преданието е запишано дека четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. На своите ученици – апостолите тој им заповеда да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, ги изведе во Витанија, ги благослови и се вознесе на небото.

Односно, се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак Го подзема носејќи Го на небото.

Последните пораки што им ги дава се подготовки за Педесетницата.

-Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух. А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево? И Он им одговори: Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата (Дела 1, 4 – 8). И веднаш, додека гледаа како се крева на небото, двајца мажи во бела облека, всушност ангели, благовестеа за Второто доаѓање на Христос на земјата, е запишано во Евангелијата.

Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се доврши делото на спасението.

За овој празник се врзани многу верувања и суеверија, кои во некои краишта се уште се почитуваат. За Спасовден се колеле јагниња, а старите верувале дека од Нова година до Спасовден не треба да се пие млеко. Се верувало дека на Спасовден мажите не треба да се бричат, жените да се мијат, а децата да се бањаат. На Спасовден никако не треба да се спие преку ден, за да не се дреме цела година. На тој ден богатите после одењето од црква повикувале гости на ручек, а помалку богатите го продолжувале дружењето пред црква, каде народот се собирал и веселел.

Претходна вест207 сообраќајни прекршоци во Скопје, 41 за брзо возење
Следна вестНово пукање во САД: Влегол во болница, убил три лица, а потоа и себеси