Укинување на балансерот најави министерот за јавна администрација, Горан Минчев, соопштувајќи дека оваа дигитална алатка во минатото била предмет на злоупотреби.
Тој образложи дека имало случаи во кои етнички Македонци се пишувале Албанци и во кои етнички Албанци се пишувале Македонци. Имало и случаи каде што припадници на други етнички заедници се пишувале Македонци.
– Јас тоа можам да го конкретизирам и со актуелниот случај во согласност со новата систематизација и бројот на вработени во новото Министерството за јавна администрација, каде што од вкупниот број вработени што припаѓаат на јавната администрација, 43 отсто се од етничките заедници. Балансерот како дигитална алатка ќе биде укинат. Бројките ќе се однесуваат на резидентното население во согласност со последниот попис во 2021 година и така ќе се применува и тоа е веќе завршена работа, изјави Минчев.
Додаде и дека првпат ќе се формира агенција за стручно усовршување и обука на административците, но сѐ уште се размислува дали овој орган да биде дел од МЈА или од Владата.