Се укинуваат сите ковид-мерки, во аптека и во автобус без маска

Комисијата за заразни болести ќе препорача укинување и на последните четири задолжителни мерки воведени за заштита од Ковид-19. Укинувањето е по седницата на Светската здравствена организација, но и поради намалувањето на бројот на новозаразени од коронавирус на 66 лица неделно.

-Ковид-19 ќе продолжи да се третира како вообичаена болест. Четирите мерки што предлагаме да се укинат се задолжителното носење маски во болници, во јавниот превоз, во аптеките и во домовите за стари лица и за лица со посебни потреби, вели Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Покрај носењето маски во болниците, кои сега не се задолжителни, но се препорачуваат како мерка за заштита, која во пандемијата се покажала како ефикасна, како препорака останува и вакцината за заштита од Ковид-19, особено за повозрасните лица. Мехмедовиќ рече дека во земјава има резерви на двовалентни вакцини за заштита од Ковид – 19 од производителот „Фајзер“.

На денешниот состанок Комисијата расправала и за тоа дали има потреба извештаите за коронавирусот да се прават на неделно ниво и за коронавирусот да се известува како за сите други респираторни болести – еднаш месечно.

Претходна вестСе заканувал со нож и украл пари од обложувачница
Следна вестАвтомобил излета од пат во Штипско, тројца повредени