Со „Без Простор” – изложбата на уметницата Селма Селман, вечер во 20 часот во Музејот на современа уметност во Скопје се затвора осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.
Во „Без Простор”, се проблематизира деликатната и секогаш присутна тема на просторот: личен, колективен, телесен, ментален, емотивен, политички, женски, нерационален, креативен, реален, внатрешен, простор за емпатија, простор на преиспитување и преживување. Творештвото на Селман се карактеризира со интимност, јасност и моќност, а овие карактеристики се и принципите според кои е поставена и изложбата во Музејот на современа уметност во Скопје.
Инаку Селма Селман (1991, Бихаќ, БиХ) е уметница со ромско потекло која живее и работи во Босна и Херцеговина, во САД и низ Европа. Главна цел на нејзините дела е да ги заштити женските тела и да им овозможи сеопфатен пристап до самоеманципација на жените.