Секој петти Американец дома не зборува на англиски јазик

Секој петти Американец дома не зборува на англиски јазик. Бројот на жители на САД кои дома зборуваат јазик различен од англискиот се зголеми речиси тројно, во периодот помеѓу 1980 и 2019 година, покажуваат податоците на Бирото за попис.

Денеска, речиси 68 милиони луѓе населени во САД, односно речиси секој петти американски граѓанин дома зборува јазик различен од англискиот, додека во 1980 година тој број изнесувал 23 милиони.

– Ова ни кажува дека Америка е разновидна земја. Добро е што не се зборува само англиски бидејќи тука има многу имигранти, вели Дина Арид, мајка на три возрасни деца од Калифорнија, која дома зборува и арапски, пренесува „Гласот на Америка“.

Арапскиот е еден од петте најзборувани јазици во САД и Арид која зборува главно англиски со своите деца, вели дека се обидува да ги научи да зборуваат барем малку арапски.

Шпанскиот е убедливо најпопуларниот втор јазик во САД и го зборуваат повеќе од 41 милион луѓе, 12 пати повеќе од другите најчесто користени втори јазици во американските семејства. Хиспанците се најголемата малцинска група во САД, но повеќе од половина, 55 отсто, се родени во САД.

Други јазици кои спаѓаат во групата на најзастапени во САД се кинескиот, филипинскиот и виетнамскиот.

Претходна вестСДСМ: Минималната плата ќе порасне на над 20.000 денари
Следна вестМПЦ-ОА стисната меѓу српскиот и цариградскиот томос, што е македонскиот интерес?