Се поголема активност манифестираат македоски здруженија кои се борат за повеќе права на Македонците низ светот. Во тој правец денеска шест здруженија од Македонија, Бугарија, Грција, Србија, Албанија и Косово во Штип потпишаа декларација „За унапредување на правата и слободите на Македонците во сите делови од Македонија”, во рамки на Семакедонскиот собир организиран од штипското Здружение „Мирка Гинова”.
На собирот беше констатирано дека Бугарија троши големи пари за пропаганда и асимилација на Македонците кои живеат надвор од македонската држава.
Во рамки на собирот беше отворена и изложба на која беа презентирани и документи од американските архиви за постоење на Македонците во 19 и 20 век. Истражувањето на архивите низ светот од страна на историчарот и пратеник Собранието во Албанија, Васил Стерјовски, резултираа со илјадници документи од печалбарите кои мигрирале во САД.
Тој оценува дека состојбата со македонското малцинство во Албанија е добра и додава дека во делови од земјата се учи македонскиот јазик, но забележа дека изминатиот период во овие албански региони многу е силна бугарската пропаганда.
-Се работи за пропаганда што годишно троши милиони евра во своите цели. Го користи членството во ЕУ за притисок врз Албанија. Со таков притисок успеаја Албанија да признае непостоечко бугарско малцинство. Се обидуваат на пописот каде што живее македонско население да извадат Бугари“, вели Стерјовски.
Денеска во организација на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинева” – Штип беше потпишана декларација за унапредување на правата и слободите на Македонците во сите делови од Македонија.
-Секогаш овие патриотски декларации се добри. Со нив на меѓународните институции им укажуваме кои сме и што сме и што бараме“, вели отец Никодим Царкњас.
Претседателот на Здружението „Мирка Гинова”, Стојан Димков изјави дека го радува што денеска е потпишана декларацијата, но и што дојдоа гости од целата државата.
Инаку, има и најава за отворање на нов македонски клуб во Бугарија. „Јане Сандански“ или „Македонија“ ќе се нарекува новиот македонски приватен клуб кој е во план да се отвори во селото Крумово во околината на Пловдив.





