Што Маричиќ денеска ќе му каже на Брисел за македонското правосудство и антикорупција?

Скрининг… Многу важен скрининг… Скрининг ќе почне… Скрининг во ЕУ… Вака и се повторува на македонската јавност секој ден од страна на македонските министри, пред се од задолжениот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ. Зошто толку многу тоа ни се апострофира, за да се покаже дека работат или дека сме поблиску до Унијата?

Еве и денеска гласно се соопштува дека заменик претседателот на Владата, Маричиќ, во Брисел ќе го отворел билатералниот скрининг состанок за Поглавје 23, „Правосудство и фундаментални вредности“. Имено, во следните два дена, Работната група за преговори, низ 24 презентации, ќе ја претстави позицијата и нивото на усогласеност на правниот систем на Македонија во однос на европското право во областа на судството, антикорупциската политика, основните права…, пред експертите од Европската комисија.

И? Што Маричиќ ќе им каже во Брисел за антикорупциската политика во Македонија? Дека заложбите на Владата се да има нула корупција?

Што Маричиќ ќе им каже на експертите во ЕУ за правниот систем во земјава? Дека политиката не се меша во изборот на судии и обвинители?  Ниту пак влијае на пресуди, постапки…?

Има многу слични прашања, затоа можеби и преговарачкиот тим кој замина во Брисел е огромен. Дел од македонскиот преговарачки тим е и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања и заменик на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, а членовите на Работата група за преговори се претставници од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерство за правда , Министерство за внатрешни работи, Министерство за надворешни работи, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за информатичко општество и администрација, Судски совет, Совет на јавни обвинители, Јавно обвинителство, Државна комисија за спречување на корупцијата, Агенција за аудио и аудиовизуелни Медиумски сервиси, Агенција за заштита на лични податоци, Агенцијата за катастар на недвижности и Секретаријатот за европски прашања.

Солиден тим, кој не е лошо на прашањава да одговори и во Македонија, пред граѓаните.

Претходна вестКазнети 102 возачи, осуммина поминале на црвено, петмина не носеле појас…
Следна вестУлиците не ги пуштаат аеродромци наутро да одат во Центар