Само со куса информација дека ја дала поддршката и дека ја усвоила Концепцијата за основно образование Владата соопшти дека на вчерашната седница расправала за овој документ. Наведено е дека во подготовката биле вклучени сите засегнати страни, се слушнале и се прифатиле стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации.
–Со дел од усвоените стручни мислења, Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование. Концепцијата е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, стои во соопштението.
Како што соопштуваат посебно место во Концептот на основно образование има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес согласно европските трендови.
И толку. А што е конкретно прифатено, кои забелешки од јавната расправа се прифатени, а кои одбиени, не е познато.
Забелешки имаше многу и тоа сериозни и аргументирани од стана на скоро сите најрелевантни образовни институции. Се бараше дури и реформата да се стопира и реосмисли, но Владата решила да тера по свое.