Си веруваат: Бучковски го пофали Заев, па премиерот му стокми нов мандат за преговарач

Меѓусебна поддршка, пофалби и застанување еден зад друг се содражни во релациите меѓу премиерот во оставка Зоран Заев и Владо Бучковски кој вчера доби продолжување на мандатот како специјален претставник на Владата за Бугарија. Бучковски, кој е поранешен премиер и лидер на СДСМ, минатата година на 1 декември беше назначен за специјален претставник откако силно го поддржа премиерот Заев по скандалозното интервју за бугарската агенција „Бгнес“. Тој, врзано за интервјуто во кое Заев бугарските окупатори ги нарече „администратори“, тогаш оцени дека премиерот „од петни жили се бори за нашата европска иднина во духот на европските вредности“.

Заев, пак, тогаш изјави дека Бучковски треба да биде „мотиватор“.

-Бучковски како специјален претставник на Владата треба да биде оној кој ќе биде мотиватор на реализацијата на договорот, изјави Заев неколку дена по именувањето.

Владиниот портпарол Душко Арсовски, пак, тогаш изјави дека Бучковски е одличен познавач на состојбите, има добри контакти со Бугарија и ќе придонесе позитивно за процесот и односот со оваа земја“.

Фалбите не завршија со ова туку продолжија и во последниот период. Посебно од страна на Бучковски кој своевремено беше суден за случајот „тенковски делови“, но случајот потоа „застари“.

Поранешниот премиер и министер за одбрана неодамна изјави дека Заев е најдобриот лидер кој досега го имал СДСМ.

Заев е најдобриот претседател што го имал СДСМ во изминативе 30 години. Тој е најзаслужен за враќањето на СДСМ на власт, по 10 тешки опозициски години. Тој е најзаслужен за влезот на Северна Македонија во НАТО. Тајната на неговиот успех е неговиот карактер и неговата „несовршеност“, но, пред се, неговата храброст, изјави неодамна Бучковски.

И сега најново е дека Владата му го продолжи мандатот на Бучковски. Во меѓувреме, преговорите со Бугарија и наоѓањето на решението со кое ќе се тргне бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ не тргнаа од мртва точка.

Може ли, и како, Бучковски да направи тоа да се размрда? Заев верува дека може…

Претходна вестВладата немаше други теми за расправа околу матичните лекари?
Следна вестЗаев и Гаши на уште една средба – не кажуваат за што ќе разговараат денеска