Владата немаше други теми за расправа околу матичните лекари?

Ниту отворените противења на матичните лекари, ниту бројните други проблеми со кои тие се соочуваат во лекувањето на заболените од Ковид – 19, не ја премислија Владата. Дискутабилниот предлог за стимул од по 30 денари за секој вакциниран пациент, под услов да се опфатени 70 проценти од нивните пациенти, вчера беше прифатен на Владината седница. Како таа замисла ќе се спроведува во пракса и дали ќе има зголемена вакцинација останува да се види.

Сепак, матичните лекари веќе предупредија дека ваквата мерка ќе биде „понижувачка“

– Ниеден пациент не сум разубедил, а сум настапувал аргументирано. Ако не сака, не сака. Првото нешто што ќе ми го каже е ,,јас да се вакцинирам, а ти да кркаш 30 денари по пациент”. Како да му сугерирам некому да се вакцинира, навистина не ми е јасно. Како „Топ шоп“ телеоператори треба да бидеме наместо лекари. Не знам како би убедил некого да се вакцинира, изјави матичен доктор Ненад Лазаров.

И претседателката на Здружението на матични лекари, Лидија Чолакова – Дервишова деновиве истакна дека немаат намера да прават нешто што е противзаконско и противуставно.

-Здравјето на нашите пациенти и Хипократовата заклетва ни се на прво место, така што предлогот на Владата е непристоен, вели Дервишова.

Како и што ќе прават останати повеќе од 1.500 матични лекари во земјава ќе зависи од нив сами. Односно, дали тие ќе ги убедуваат пациентите да се вакцинираат и со што нивните ординации ќе се претвораат во дебатните клубови за (не)оправданоста на вакцинацијата.

Додека траат меѓусебните (раз)убедувања на докторите и пациентите како загатка ќе останат сите оние проблеми кои досега излегоа на виделина кога е во прашање лекувањето на заболените од корона вирусот. А на нив не се сети ниту Владата кога вчера ја носеше најновата стимулативна мерка.

Остана недокажано дали на матичните лекари ќе им се дадат прецизни протоколи и упатства за лекување, дали ќе се организираат средби или на било кој друг начин ќе има меѓу докторите дообјаснувања околу проблемите кои произлегоа од пандемијата, се со цел системот на примарното и секундарното здравство да функционира посоодветно и поорганизирано против опасниот вирус.

Нели проблем беше и дека пациентите доцна се јавувале во болниците? Дали тоа еднаш ќе почне да се решава како проблем. На крајот на краиштата, матичните требаше да се прашаат што им фали, дали некаде може државата да им помогне за да бидат поефикасни во време кога се претрупани со работа? 

Може на следната седница Владата ќе расправа за овие работи…

Претходна вестПромоција на „Уништување“, најновото од Божидар Божиновски
Следна вестСи веруваат: Бучковски го пофали Заев, па премиерот му стокми нов мандат за преговарач