Сите чекаат профит од работникот, но никој не го штити од злоупотреби

Работи ли некој за нивно добро?

 

Кршењата на работничките права се секојдневие, а заштитата секогаш е задоцнета или отсутна, па затоа и масовната разочараност помеѓу народот, смета Бобан Кочовски, магистер по трудово право и невладин активист

 Владата посакува голем раст на економијата. Но знаат ли министрите дека тоа некој мора да го одработи? Не, не очекуваме тие да го сработат растот, туку барем да направат услови за работникот да сработи, а при тоа да не биде третиран како полуроб. Од почетокот на следната година недела треба да биде неработен ден за најголемиот дел од работниците во Македонија. Оние, пак, што ќе работат во овој ден во суштинските дејности ќе добиваат 50 отсто повисока дневница, а оние во несуштинските за 100 отсто. Оваа промена, која деновиве ја изгласаа пратениците во македонскиот парламент, барем како ја претставија претставниците на власта и на синдикатот, претставува унапредување на работничките права. Дала така и ќе биде останува да се види по примената на законското решение. Всушност, во Македонија никогаш не фалеле законски решенија во однос на заштитата на работничките права туку недостасувала нивната примена.

Првомајските прослави на Денот на трудот се речиси единствен период кога јавно се кажува за потребите за унапредување на работничките права. Но, потоа настанува молк и „цедење“ на работникот.

– Кршењата на работничките права се секојдневие, а заштитата секогаш е задоцнета или отсутна, па затоа и масовната разочараност помеѓу народот. Ќе бидам брутално искрен – верувам дека најголемиот проблем е неквалитетниот кадар кој што е застапен во секоја пора, па така и во МТСП, ДИТ, па дури и Собранието на РМ, при што системски се уништува секоја надеж за било каква правичност во делот на работничките права, смета Бобан Кочовски, магистер по трудово право и невладин активист.

Неодамна, владините претставници најавија дека следната година државните административци не се планирани да добијат надомест за годишен одмор, К-15. Државата, која им е работодавец, не сака да го исплати и прави недвосмислена дискриминација бидејќи тоа го бара од приватните газди. Во приватниот сектор, пак, на секакви начини се врши ескивирање на оваа обврска иако има и дел кои сосема коректно ја исполнуваат обврската. Но, не е само ова проблем. Проблеми на македонските работници се и ниските плати бидејќи повеќе од 110.000 вработени земаат минимална плата од околу 16.000 денари, работат и по 10 години со „договори за дело“, не им се плаќа прекувремената работа…

Сето ова се проблеми кои постојат со години, но никако не се решаваат. Работниците, разединети во повеќе синдикати, очекувата од надлежните државни органи да ги штитат нивните права и да ги санкционираат кршењата. Меѓутоа, тоа како да закажува. Се прокламира дека минимална плата треба да примаат сите, но потоа се нема доволно контрола и санкции за прекршителите. Исто како и за неисплаќањето на К-15, за отпуштањата од работа, за сивата економија, за непријавените работници… Сето тоа очигледно покажува дека заштитата на работниците е на ниско ниво и дека состојбите тешко се менуваат на теренот. До кога ќе биде така?

Џабе и најдобри закони ако нема кој да ги спроведе

-Наместо да бараме континуирано реформирање на законските одредби, треба да се фокусираме на назначување на вистинските луѓе на вистинските места. Џабе ќе ги имаме и најдобрите закони ако нема кој да ги спроведе. Овде најголема одговорност имаат инспекторатите, но и МТСП, бидејќи токму тие се институциите кои треба, а не си ја вршат доволно добро својата работа. Секако, одговорност имаат и синдикатите кои станаа неми посматрачи на хаосот кој ги следи работниците, смета Бобан Кочовски.

Работниците се плашат да се пожалат

Освен што недостига заштита од страна на државата, недостига и самозаштита од работниците, ни вели скопјанецот Андреј.

-Работник кој е злоупотребуван со месеци да молчи за мене е неразбирливо иако знам дека му е страв да не го изгуби работното место. Баш тоа го посакуваат газдите, да им е страв па да си тераат по свое. Мора работникот да е порешителен, а синдикатите малку поагилни и почесни кон работниците, вели Андреј.

 

Претходна вестТрет ден рекорден број новозаразени во Италија
Следна вест197 санкционирани возачи во Скопје, 49 во алкохолизирана состојба