Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави обвинение против дваесет и четиригодишeн скопјанец, за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.
Обвинетиот е дел од групата од акцијата „Ќелија 2“.
На 9 јули 2016 година, беше спроведена акција на седум локации во Скопје и Тетово, при што беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС, а подоцна уште едно лице.
За три лица меѓу кои и 24-годишниот скопјанец беа распишани национални и меѓународни потерници.
Од она што покажала истрагата, момчето во Сирија шест месеци се обучувало како дел од муџахединска единица наречена Тахрир Хајат Ал-Шали, прогласена за терористичка организација, по што бил стражар на терен во близина на градот Ибдил.
Потоа преку Турција и Грција и престој на Косово лани се вратил во Македонија и од тогаш се наоѓа во истражниот затвор.
Поради тежината и начинот на извршување на кривичното дело, и тоа што долго време бил недостапен на органите на прогонот, обвинителството бара тој да остане во притвор.