Скопјанка нападната од 39-годишен маж, ќерката сведочи: Има повреди на окото, вратот и раката

Нападната и повредена жена во скопски Карпош. Нејзината ќерка Анета Малова во објава на социјалните мрежи сподели фотографии од нападот кој се случил пред влез на зграда, а целиот настан е снимен од безбедносните камери.

– Мајка ми има повреди на окото, вратот и раката. Видеото нема да го објавам затоа што ми се превртува желудник секојпат кога и да го изгледам. Нападната е пред влезна врата. Пријавено е, реагирано е со време и тој што ја нападна е веќе приведен и нема место за паника. За среќа од страна на полицијата се реагираше експресно. Но за жал, од него се направени повеќе штети и се надевам дека соодветно ќе одговара за истите. Но, сепак внимавајте овој е само еден од многумина што се шетаат низ Скопјево. Жени, мајки, девојки, девојчиња и сите останати, внимавајте, Скопје одамна не е безбедно место за живеење! И да, мажи, не пиштол да купувате, излезете и пречекајте ги вашите блиски доколку мора да се вратат доцна навечер, барем тоа е најмалку што можете да направите за нив. Чувајте се. Мајка ми е добро, но стравот е поголем. Комшии, кога ќе слушнете повик за помош не игнорирајте, пишува во јавната објава Анета Малова.

Од МВР посочуваат дека е уапсен напаѓачот, 39-годишен скопјанец. Во однос на кражбите, се обидуваат да ги расчистат и да ги фатат сторителите.

– Согласно статистичките податоци, периодот од 01.01.2023 до 14.02.2023 година на подрачјето на ЕВР Карпош пријавени се 2 (две) тешки кражби во куќи и 4 (четири) тешки кражби во станови за кои се преземаат мерки и активности за нивно расчистување. Во однос на делот од прашањето за наводни напади на 11 жени на подрачјето на ЕВР Карпош пријавени се 2 (две) тешки кражби на дрзок начин и 1 (едно) кривично дело Обид за разбојништво. Кривичните дела се расчистени и против лицето Д.М. (39) од Скопје е поднесена кривична пријава до Основното Јавно Обвинителство, посочуваат од МВР.

Ова не е првпат преку апели, скопјани јавно да бараат помош поради грабежи и напади кои се вршат врз нив. Во изминатиов период беа споделени информации дека крадци пустоштат низ домовите на жителите.

Од МВР велат дека нема 70 кражби и 11 нападнати жени, туку дека шест објекти се ограбени, а три жени нападнати во изминатиот месец и половина.

 

Претходна вестМногумина во Скопје возат алкохолизирани и со мобилен во рака, казнети 162 возачи
Следна вестСтразбур ја отфрли аболицијата на Иванов: Жалбите се недопуштени, не се исцрпени домашните правни лекови