Скопје треба да се шири, но кон периферијата каде има голем и убав простор

Музичарот и композитор, Милан Завков целиот живот му останал верен на градот во кој што е роден и е сведок на големите промени кои што му се случувале. Тој сака градот и натаму да се развива, но плански…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

Роден сум во Скопје, израснав во овој град во кој живеам до денес. Основното школо завршив во „Сава Ковачевиќ“ во Лисиче и во тој период се дружев со хармониката, музиката и фудбалот. Учествував на сите приредби и музички настани што ги организираше училиштето и на сите натпревари во фудбал. Бев дел од пионерскиот тим на ФК „Вардар“ и напоредно одев во нижото музичко училиште. Од тоа време го паметам убавиот Градски парк и Камениот мост, каде се дружевме со моите другари од фудбалот и од музиката. Се сеќавам и на одење на кино, на слатки, на боза во „Шехерезада“, на музички концерти и на скоро сите натпревари на „Вардар“. Тоа се, накусо, слики од еден дел од преубавото Скопје, кои, навистина, ги носам како спомен за цел живот.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

-Скопје порано имаше своја убавина, помалку луѓе и посмирен живот. Со еден збор, не беше толку развиена технологијата и градот имаше душа и срце. Луѓето беа социјализирани и се дружеа меѓу себе. Сега, навистина, има многу работи што се променети на добро. Градот е помодерно изграден, технологијата си го направи своето. Би кажал дека го сакам и тоа Скопје отпорано и ова денес.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Навистина после земјотресот Скопје многу се промени. И мислам дека до сега сите градоначалници се трудат колку што можат да го направат градот поубав и помодерен. Тие, според мене, секогаш ќе треба да го следат новото време и да го следат трендот на другите европски и светски метрополи.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

-Најискрено да кажам, се трудев и се уште се трудам да го дадам максимумот од мојата музичка кариера од преку 40 години. И понатаму ќе создавам и ќе давам многу музика за Скопје. Мојот град го заслужува тоа.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

-Се гордеам со тоа што со мојата професија сум бил во градови и метрополи низ целиот свет. Но, кога ќе се вратев во Скопје, се чувствував среќен и радосен затоа што Скопје има нешто волшебно во себе што не може да те остави рамнодушен.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Скопје не е преголемо. Според мое мислење, дури би предложил градот да се проширува, но на периферијата, како скоро сите големи метрополи во светот, а не да се да се гради само во централното градско подрачје.

На периферијата има преголем и преубав простор, а со таков концепт ќе му се отворат белите дробови на градот и тој подобро ќе диши.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

-Недостасуваат повеќе паркови, спортски терени и игралишта, велосипедски патеки, недостасува трамвај како основа на градскиот превоз, недостасуваат електрични автобуси…

Со нив би се намалил протокот на автомобилите и загадувањето на воздухот би било многу помало. Но, најважно од се ми е да се чува и негува единственото нешто кое најмногу ни дава чист воздух, а тоа е планината Водно.

Во какво Скопје сакате да живеете?

-Сакам да живеам во модерно и урбано Скопје, но со повеќе зеленило, повеќе дрвја, паркови, со велосипедски патеки… Но и во град во кој ќе се почитуваат мерките за чист воздух и екологија. А екологијата во моментот му е најпотребна на градот.

Претходна вестСостојба на патишта: Без гужви и по суви коловози
Следна вестСмешно е кога некој наместо Скопје ќе рече метропола