СОНК денеска ќе соопшти дали децата утре ќе одат на училиште или во градинка

Информации за најавениот штрајк во детските градинки, основните и средните училишта денеска на прес-конференцијата ќе соопшти претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.

СОНК за утре најави генерален штрајк, бидејќи на минатонеделните средби со Владата не се договорија за исполнување на нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти.

Ова барање е со цел усогласување со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари што веќе стапи на сила.

Вчера, во пресрет на најавениот штрајк на вработените во градинките, закажан за в понеделник, надлежните смируваа дека процесот на згрижување на претшколските деца нема да биде нарушен. Министерството за труд и социјална политика информира дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк, ќе згрижуваат и воспитуваат деца, како и до сега.

-Правото на штрајк е право на работниците кое е загарантирано согласно со Уставот, но при неговото остварување вработените се должни да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на установите и неопходно ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните. Притоа, треба да биде обезбедено непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст. – Согласно Законот за заштита на децата, во преучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк, соопштија од МТСП.

Претходна вестЌе биде спроведен вонреден инспекциски надзор за смртта на Денис Тот
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Зекири не можел да прави милионски криминал без знаење на мафијата на власт