Спасовски ги разочара жителите на Бардовци: Не престанува градењето на центарот за странци

После неколку месеци протести и блокади за да се спречи изградбата на Центарот за странци во непосредна близина на нивните домови, испратени писма до сите надлежни институции, амбасади – конечно, пред два дена министерот, Оливер Спасовски, како најповикан – ги прими жителите на Бардовци. Но, долго очекуваниот разговор не донел посакувани исходи.

Разочарани од исходот на средбата, на која велат, немало реално ветување дека центарот за странци ќе престане да се гради тука и ќе се дислоцира, жителите од Бардовци се заканија со протолжување на блокадите за кои веќе не гарантираат дека ќе бидат мирни.

– Министерот не успеа да одговори зошто се дојдени на средба, кога веќе се решени дека нема да направат помрднување на ставовите дека тука мора да се гради прифатен центар. Бардовчани не беа дојдени на состанок да им се објаснуваат работи што ги знаат, туку да им се даде ветување дека проблемот ќе се реши. Спасовски одговори дека не можеле да престанат со градба, затоа што на 1,5 милиони евра европски пари, ние како држава ќе сме требале да вратиме 3 милиони, објаснуваат жителите на Бардовци.

Министерот им ветил дека прашањето сепак ќе го постави на следна седница на Влада.

-Дали ние не вредиме 1,5 милиони евра колку што треба да се доплатат? Политичкиот одговор кој наликуваше на предизборен говор на Спасовски беше дека и еден човек нема цена. Затоа чекаме да видиме дали Владата ќе не продаде, или ќе застане зад нас, велат жителите.

Горчината и револтот остануваат и по состанокот, велат тие. Затоа продолжуваат секоја среда со протести.

Претходна вестУбедлива победа на Македонија
Следна вестИзложба „Неонска рефлексија“ во Францускиот институт и кафе барот Нано до 31 октомври