Спасувачки тимови, ќебиња, носила… помош од Македонија се праќа во Турција

Различни видови на помош се обезбедуваат и почнуваат да се испраќаат од Македонија за ублажување на тешките последици од земјотресите во Турција. Владата синоќа решила во Турција да бидат испратени 40 припадници на републичките сили за заштита и спасување кои ќе помогнат во санирањето на последиците од земјотресот, а заедно со нив ќе бидат испратени и две противпожарни возила. Во санирањето на последиците од земјотресот, дополнително ќе бидат испратени и 24 припадници на Армијата, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две кучиња за пребарување и две лица водачи на кучиња.

Освен спасувачките тимови, Владата одлучи во Турција да биде испратен и хуманитарен пакет од 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила. Со цел да се обезбеди дополнителна помош за погодените од земјотресот, Владата го задолжи Министерството за финансии да подготви и до неа да достави одлука за одобрување на шест милиони денари од Буџетот за 2023 година, кои ќе бидат испратени во Турција

Помош се организира и по  општините во земјава. Девет пожарникари со две возила од Територијалната противпожарна единица-Тетово ќе заминат во Турција за да помагаат во справувањето со последиците од земјотресот во југоисточниот дел од земјата. Тие имаат опрема за пребарување и спасување на луѓе под урнатини.

-Во знак на солидарност и поддршка, група од девет лиценцирани лица за елементарни непогоди од Територијалната противпожарна единица Тетово, со противпожарна и опрема за пребарување и спасување заминаа за југоисточниот дел на Турција за да му помогнат на турскиот народ. Тетово ја споделува и сочувствува со големата болка на турскиот народ и оваа огромна трагедија што ја зафати Турција, порача градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

И Битола и Струмица испратија тимови од спасувачи за помош на настраданите во земјотресот во Турција. Општината Битола соопшти дека тимот за брз одговор за спасување од планина и високи објекти од Дирекцијата за заштита и спасување, подрачна единица Битола, со 5 членови ќе биде дел од УСР единицата и веќе заминуваат во подрачјето погодено од земјотресот, а доколку се појави потреба, во целосна подготвеност за интервенција се и високопрофесионалните екипи на ТППЕ Битола кои се обучени за спасување од урнатини и земјотреси.

Струмица, пак,  ќе испрати 8 пожарникари во спасувачка мисија во подрачјето погодено од силниот земјотрес во Турција. Тие ќе бидат во состав на тимот за пребарување и спасување од урнатини (УСАР тим), кој е во состав на Републичките сили за заштита и спасување при Владата на Република Македонија. Ова го соопшти градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој истакна дека спасувачите ќе им помогнат на настраданите во земјотресот.

 

-Нашите пожарникари се специјално обучени за вакви непогоди и имаат искуство од земјотресот во Албанија, напиша Костадинов.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: За едно полугодие 670 деца се отпишале од училиштата во Македонија
Следна вестЕвакуирани македонските ученици затекнати во загрозеното подрачје во Турција