Евакуирани македонските ученици затекнати во загрозеното подрачје во Турција

Деветте државјани на Македонија, кои беа затекнати во загрозеното подрачје (осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција), го напуштиле погоденото подрачје од земјотрес и се на пат кон Анкара. Ова го информираа од македонското МНР.

-Во организација на македонската амбасада во Анкара, со две возила, учениците во текот на денот ќе пристигнат во турскиот главен град. Оттука учениците ќе бидат упатени кон Истанбул каде е обезбедено привремено сместување, сѐ до нивното заминување кон земјава кое се планира да биде во текот на утрешниот ден. Меѓу нив се и двата ученика кои беа повредени, и кои се во добра здравствена состојба и се чувствуваат добро, соопштија од МНР.

Инаку, според последните информации, (добиени денес во 8:30 часот), во разорниот земјотрес, кој ја погоди југо-источна Турција, загинати се над 3300 турски државјани, над 20 илјади се повредени и над шест илјади згради се уништени. Засега нема нови информации пристигнати до Амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул за други наши државјани кои се наоѓаат во евентуално загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција.

Претходна вестСпасувачки тимови, ќебиња, носила… помош од Македонија се праќа во Турција
Следна вестМЗТ Скопје го доби дербито против Работнички