Според СДСМ коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-Арсовска-Апасиев предизвика катастрофа во Скопје

Коалицијата на оската ВМРО-ДПМНЕ-Арсовска-Апасиев, која се потврди со гласањето на буџетот на Град Скопје, предизвика катастрофа во главниот град, соопшти денеска СДСМ.

Оваа партија наведува дека повеќе од една година градот стагнира, тоне во бесперспективност поради неспособноста и кавгите за рацете во медот помеѓу Христијан Мицкоски и Данела Арсовска.

-Дури и основните услуги на градот не функционираат, јавниот превоз е во колапс, катастрофална е состојбата и во другите јавни градски претпријатија. Наместо реализација на решенија за подобар живот на Скопјани, не се реализираат ниту наследените проекти. Скопје е меѓу најзагадените градови на светот. Средствата за заштита на животната средина се намалуваат, но затоа има средства за партиски вработувања, се наведува во соопштението.

СДСМ додава дека со коалицијата ДПМНЕ-Арсовска-Апасиев Скопје за прв пат во историјата остана без јавен превоз, а градската администрација без тонери за издавање документи за граѓаните.

-Со ВМРО-ДПМНЕ се поврзани градоначалничката, претседателот и мнозинството во Советот, како и најголем дел од членовите на управните одбори на јавните градски претпријатија. Затоа оваа партија е најодговорна за катастрофата во главниот град, нагласуваат од СДСМ.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ обвини дека коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица е против општински проекти важни за граѓаните
Следна вестГо направија ли предновогодишните прослави своето: Речиси секој четврт казнет возач бил пијан