ССМ ќе бара оставка од пратениците кои нема да го изгласаат амандманот

Оставки од пратениците во Комисијата за финансирање и буџет кои што нема да гласаат за амнадманот со кој треба да им се зголемат платите во јавниот сектор, најави денеска Сојузот на синдикатите на Македонија. Синдикалците денеска пак протестираа пред Собранието на Македонија каде поставија 14 столчиња наменети за секој член од собраниската Комисија.

-Јавно ќе бараме оставка од тие пратеници кои што ќе дигнат рака за „не“ на работниците во Комисијата за финансирање и буџет. Работникот денеска очекува да го изгласате амандманот за линеарно покачување на платите од 2806 денари. Доколку не се случи тоа јавно со име и презиме ќе ги објавиме имињата на сите пратеници, изјави претседателот на ССМ, Дарко Димовски од пред Собранието.

Тој апелира до Собранието без проблеми да му се помогне на работникот и да се изгласа амандманот поднесен од Сојузот на синдикати на Македонија.

-Ние продолжуваме со штрајкот. Ние денес бараме пари за леб, за плаќање на сметки и за издржување на семејствата. Секој ден ќе излегуваме со работниците на улица рамо до рамо, појасни Димовски за штрајкот во јавниот сектор.

Генералниот штрајк во јавниот сектор почна на 22 јуни со барања за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ за сите вработени согласно зголемувањето на минималната плата, потпишување на Општиот колективниот договор и исплата на К-15

Претходна вестНа 2.100 денари ќе се зголеми лимитот за поврат на ДДВ преку скенираните сметки
Следна вестМПЦ: Историските прашања и Договорот за добрососедство не треба да бидат дел од преговарачката рамка