Стартува Грчки филмски фестивал, ќе трае до 18 мај

Вечерва стартува третиот по ред Грчки филмски фестивал, кој ќе трае до 18 мај и заради пандемиските безбедносни протоколи ќе се одвива со телевизиски пренос. Како што информираат креаторите на фестивалот, на овогодинешната програма се предвидени шест долгометражни филмови.

-Ја подаруваме оваа можност пред се на македонската публика да ја запознае поблиску грчката филмска уметност, но и грчката култура воопшто, но во исто време се надеваме дека ова ќе биде поттик и за другата страна да овозможи на грчката јавност и публика подлабоко и подетално да ја запознае македонската кинематографија и култура. Како и да звучи, јас се чувствувам среќен што успеав да го иницирам и заедно со мојот тим да го реализираме овој фестивал и тоа по трет пат, вели креаторот на фестивалот, Небојша Јовановиќ, кој е и директор на веќе познатиот и етаблиран Меѓународен филмски фестивал КИНЕНОВА.

Целиот фестивал годинава ќе се емитува на националната телевизија Алфа. На репертоарот се различни филмови од повеќе различни генерации на грчки режисери, меѓу кои и прославените и веќе легендарни- со светска слава: Динос Димопулос и Јоргос Лантимос. Ќе биде прикажан првиот филм на Лантимос, „Мојот најдобар пријател“, а меѓу документарните филмови еден од изборите е и “Човек делфин“.

Претходна вестПукање и убиство во Бутел: Едно лице е убиено, а едно тешко повредено
Следна вестСончево со мала до умерена облачност