Стерјовски: Се манипулира со пописот во Албанија, македонското малцинство е во опасност да исчезне

Во очекување на објавувањето на резултатите од пописот од страна на Заводот за статистика, ИНСТАТ, едно од најголемите малцинства во Албанија, македонското, обвинува дека процесот е изманипулиран, наведува МЦН.

Според телевизијата, малцинството што го претставува поранешниот пратеник и актуелен претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски е во опасност да исчезне, поради пактот меѓу Албанија и Бугарија.

-Сите се чудат како Албанија го дозволува ова. Да и се остават одврзани раце на Бугарија да го спроведе пописот во Албанија!? Тоа е апсурдно. Ова беше војна на албанските граѓани од македонска националност со бугарските институции, со бугарските екстремисти, но и со албанските институции кои не ни помогнаа во целиот овој процес да нè заштитат од сите овие закани што доаѓаа од бугарската држава. А кредибилитетот на ИНСТАТ паѓа затоа што целиот процес, особено во областите каде што живее македонската заедница, беше контролиран од бугарските структури од Бугарија, изјави Стерјовски.

При набљудувањето на пописот тој споменува високи функционери и радикални бугарски експоненти кои директно се мешаа кај граѓаните, уценувајќи ги или нудејќи им големи суми пари да се изјаснат како Бугари.

-Од вториот ден од почетокот на пописот, бугарскиот амбасадор отиде во селата во областа Голо Брдо, во Требиште, каде по улиците делеше таблети и телефони, убедувајќи ги луѓето да се изјаснуваат како Бугари. Особено по првата недела кога видоа дека сите овие активности не даваат резултат и жителите не се изјаснуваат како Бугари, почнаа и отворени притисоци. Разни екстремистички кругови од Бугарија се закануваа дека на сите жители албански граѓани кои имаат бугарски пасоши истите ќе им бидат одземени или дека ќе се прекине постапката за оние кои се во постапка за вадење бугарски пасош. Од нашите информации кои доаѓаа од терен, овој попис беше како на сточен пазар, каде ако го фотографирате формуларот од таблетот дека сте се изјасниле како Бугарин, за тоа ќе добиете 300 евра од бугарските структури за таа фотографија, посочува Стерјовски.

Овие обвинувања Стерјовски ги адресирал и до владата на Македонија, но Ковачевски им соопштил дека добил гаранцијата од неговиот албански колега, Еди Рама за еден транспарентен процес.

-Ние, овие загрижености му ги кажавме и на македонскиот премиер дека има прекршувања, кои ги имаме пријавено. Премиерот ни рече дека добил гаранции од премиерот Рама дека процесот ќе се спроведува според стандардите на Евростат. Ова го рече македонскиот премиер, доколку се применат стандардите на Евростат, нема никаква загриженост, но ние не се согласивме, му кажавме дека кај нас, особено во областите каде што живее македонската заедница, не се применува ниту еден стандард на Евростат и оти Бугарија ја оставија со одврзани раце да прави што сака, изјави Стерјовски.

Телевизијата потсетува дека бугарското малцинство беше официјално признаено со закон во Албанија во 2017 година „вклучувајќи ги областите кои со децении беа признаени како македонско малцинство“.

Од Македонска алијанса за европска интеграција велат дека на пописот во 2011 година на целата територија на Републиката немало ниту еден граѓанин кој се изјаснил за Бугарин, па дури и на пилот пописот во 2019 година, имало само еден. На последниот попис одржан во Албанија, македонското малцинство резултира со 0,20 отсто од населението или кажано во бројки 5.512 граѓани декларирани како Македонци.

Претходна вестПроменливо облачно со претпладневната магла по котлините
Следна вестОд денеска дневна евтина тарифа за струја