Од денеска дневна евтина тарифа за струја

Од денеска од 13.00 до 15.00 часот, официјално, домаќинствата ќе можат да ја користат дневната евтина тарифа за електрична енергија, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски синоќа во гостување на ТВ Стар.

– Се враќа евтината тарифа за домаќинствата. Кога ја укинавме во декември 2021, тоа беше во услови кога имавме цени на електрична енергија по 300-400 евра по мегаватчас, а во текот на денот достигнуваше до 500, 600, 700 евра. Едноставно, тие трошоци не можеа да се издржат. Бевме принудени да ја укинеме, но тогаш ветивме – во првиот момент кога ќе се создадат технички и пазарни услови, ние ќе ја вратиме евтината тарифа, рече Бислимовски.

Првиот човек на РКЕ објасни дека цената во текот на денот од март до октомври во тој период е за два до три пати пониска, отколку кога ќе се затемни, со што и ЕСМ и ЕВН ќе се стимулираат да купуваат струја во тие термини од слободниот пазар.

– Сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување, утре ќе имаат евтина тарифа, група по група ќе се сетираат мерилата. Не можат екипите на ЕВН одеднаш да заменат уште 400.000 броила, но до крајот на месецот ќе ја имаат 90 отсто, додаде тој.

Претходна вестСтерјовски: Се манипулира со пописот во Албанија, македонското малцинство е во опасност да исчезне
Следна вестГоце Делчев пред 128 години положи заклетва пред Даме Груев и целосно се посвети на борбата за слободна Македонија