Гоце Делчев пред 128 години положи заклетва пред Даме Груев и целосно се посвети на борбата за слободна Македонија

Делчев веднаш ми направи впечаток со својата отвореност и чесност. Тој беше, при првите обиди да зачленува, дури и претерано отворен, па требаше да го контролираме за да не ја издаде нашата слабост, слабоста на Организацијата. Тој се стремеше да си ја каже вистината, мислејќи дека секој треба да ја усвои идејата така како што тој ја усвоил. Беше многу пргав… Вака во своите „спомени“ големиот македонски револуционер Даме Груев ја опишал првата средба со другиот голем македонски револуционер – Гоце Делчев.

Оваа средбата се случила во 1894 година кога Делчев дошол да биде учител во штипско Ново Село, откако претходно го завршил своето образование во Кукуш, во Солун и во софиското Воено училиште.

Тоа е, практично, средба која е клучна во натамошниот животен пат на тогаш 22-годишниот Гоце Делчев. Даме Груев тогаш, исто така, бил учител во Штип, а претходно само слушал за Делчев меѓу оние кои се спомнувале при сондажите за формирање на Македонската револуционерна организација.

При првата средба Даме Груев го прашал Делчев зошто ја напуштил Бугарија? На тоа Гоце одговорил:

-Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку Македонија?

Тоа веќе било доволно за одлуката на Груев со која Гоце Делчев е примен во Македонската револуционерна организација. Груев му го врачил Уставот на Организацијата, а следниот ден, на денешен 30-ти ноември, пред 128 години Гоце ја положил заклетвата со што станал полноправен член на МРО.

Се по тој настан е историја. И тоа голема и славна историја на Македонија во која Делчев и Груев непоколебливо се бореле за слободата на Македонија и македонскиот народ.

Претходна вестОд денеска дневна евтина тарифа за струја
Следна вестЛавров пристигна во Скопје откако Блинкен одлета