Стојанче Ангелов: Достоинство ќе го преиспита своето учество во владеачката коалиција

Крајно сме разочарани и револтирани од пратениците на СДСМ кои пред неколку дена гласаа против предлог законот за дополнување на законот за Бранители, соопшти денеска Стојанче Ангелов, лидер на партијата Достоинство, која е дел од владеачкото мнозинство.

Тој додаде дека СДСМ има можност да ја исправи оваа голема неправда која ја нанесе на македонските Бранители од 2001-та преку носење на владина одлука.

-Затоа, на денешната прес конференција повторно ќе побараме Владата да ја реализира иницијативата на Достоинство поднесена во декември 2022 година и да донесе Одлука за праведно обесштетување на петнаесетина семејства на загинати бранители како и триесетина воени инвалиди од 2001 година. Доколку нашата иницијатива биде отфрлена, Достоинство ќе го преиспита своето учество во владеачката коалиција предводена од СДСМ и ДУИ. Најави Ангелов во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук.

Тој прзентира и снимка со изјавата на таткото чиј син е изгорен кај Вејце.

-Ова семејство до ден денес сеуште е необесштетено. Иако таткото со скршен и огорчен глас лично мене ми повторуваше, нам не ни требаат никакви пари, вратете ни ги нашите синови, иако ниту едни пари на светот не вредат колку животот на било чиј син, ние како држава сме должни да ја исправиме оваа неправда и на сите необесштетени семејства на загинати бранители како и на триесетината необесштетени воени инвалиди од 2001-та да им исплатиме праведен надомест на нематеријална штета, потенцира Ангелов.

Претходна вестПочна чистењето околу зградата на „Технометал“ во центарот на Скопје
Следна вестПланинарски марш на Пелистер во чест на Димитар Илиевски Мурато