Почна чистењето околу зградата на „Технометал“ во центарот на Скопје

Почна расчистувањето на просторот околу зградата на поранешната комапнија „Технометал“ на улица „Македонија“ во центарот на Скопје, информира денеска општина Центар. До ова доаѓа по многубројните предупредувања од граѓаните дека од зградата на поранешен “Технометал“ паѓаат делови, дека просторот пред објектот е полн со искршени стакна и отпад и е небезбедно за поминување.

Сопственикот на „Буши Фашион“ и сопственик на објектот на поранешен „Технометал – Вардар“ започна со постапување по решението од Општина Центар и го расчистува просторот од некогашната компанија за трговија со мермер, челик, обоени метали и неметали, опрема, машини и друго.

-Општина Центар неколкупати досега го казни сопственикот по што му наложи самостојно да ја расчисти депонијата и секојдневно да ја одржува хигиената, соопштија од Центар.

Оттаму додаваат дека Секторот за инспекциски работи на Општина Центар уште во февруари преку Решение го задолжил сопственикот да исчисти и постапи во законски предвиден рок.

-Решението за расчистување Секторот го издаде поради спречување на создавање на еколошка катастрофа предизвикана од секојдневно собирање купишта отпад создаден од кршење на инвентарот и екстериерот на огромната бетонска зграда. Минатата година во овој објект избувна и пожар, а неколкупати досега жителите од околните згради пријавуваат и кражби, наведуваат од Општината.

Општина Центар најавува дека Секторот за инспекциски работи и во наредниот период ќе продолжи со инспекциски контроли преку инспекцијата за животна средина за да не се повтори грдата слика и нарушувањето на мирот на станарите.

Претходна вестПортугалија усвои закон за евтаназија
Следна вестСтојанче Ангелов: Достоинство ќе го преиспита своето учество во владеачката коалиција