Стопанска комора до Владата: Како ќе спроведете недела-неработен ден во градежништво, млечна индустрија, обложувалници?

Отпуштања до 30 проценти, неизвесна реализација на капиталните проекти, застој во производството, повисоки трошоци, намалена продуктивност и несигурен поврат на инвестициите.

Вакви ефекти, според Стопанскаа комора, ќе предизвика законското решение за недела неработен ден кое помина на Влада, без да бидат земени предвид забелешките и предлозите на бизнис заедницата.

Комората апелира Собранието да го преиспита ваквото решение и воедно бара, со Законот за работни односи да нема ограничувања, туку да се дозволи секоја дејност сама да одлучи дали ќе работи во недела.

-Законското решение, како што е сега конципирано и кое веќе помина на Влада, ќе предизвика сериозни негативни последици, социјални и економски, реагираа денеска претставници на градежниците, обложувалниците и прехранбената индустрија.

Поочуваат дека проектите во градежништвото се врзани со рокови, а иницираната мерка ќе се одрази негативно не само врз нивната реализација, туку и врз исполнувањето на тие рокови, вклучувајќи ги тука и капиталните проекти од интерес за државата.

-Работата во градежништвото е теренска и на отворено, а кај инфраструктурните проекти подразбира и транспорт и патување на работниците, па доколку недела биде неработен ден, тоа сериозно би се одразило врз континуитетот на изведбата. Постои ризик и наместо посакуваната цел, да се предизвикаат спротивни ефекти кои нема да бидат од интерес ниту на компаниите како работодавачи, ниту на работниците, велат од Здружението на градежништвото, Андреа Серафимовски.

Против ваквото решение се и компаниите од прехранбената индустрија кои нагласуваат дека нивниот производен процес не смее да има прекин, како и спортските обложувалници кои предупредуваат дека неработната недела за нив ќе значи отпуштање на 30 отсто од вработените и намелени приходи во буџетот.

Од прехранбената индустрија посебно на удар од законското решние за неработење во недела ќе бидат млечната индустрија и производство на пиво и безалкохолни пијалаци.

Од Комората тоа го објаснуваат вака: Млекото кое што се измолзува во сабота, се складира на фарма или откупен пункт и се разладува. Во недела наутро се транспортира во млекарниците, се врши прием и се пристапува кон примарна преработка – филтрација, додатно ладење. Поради запазување на квалитетот на хемискиот и микробиолошкиот состав на суровото млеко, по приемот треба термички да се преработи – пастеризира. Доколку овие активности не се преземат во недела, тогаш измолзеното млеко од сабота нема да се откупува, а измолзеното млеко од недела ќе се превезе во понеделник и ќе се преработува во вторник. На ваков начин се губи еден ден производство, односно при ваков случај се намалува производниот капацитет на фабриката со огромни економски штети, а потребата од работна сила ќе биде намалена за една седмина. Сето ова се надоврзува на веќе изгубениот еден ден за продажба, поради неработењето на малопродажните објекти во недела.

Во однос на пивото и безалохолните пијалоци, Ристовски дополни дека за да почне производството во понеделник, потребна е претходна подготовка која трае најмалку 24 часа. Оттука, прекинот на работата во недела би значело дополнително изгубен работен ден понеделник.

Од обложувалниците се децидни дека ако се донесе законското решение, нивното работење ќе се загрози со оглед дека преку 70 отсто од прометот се реализира во недела.

Претходна вестЛани над 32.300 семејства живееле од социјална помош
Следна вестДвајца починати и тројца новозаразени, во 10 града нема ниту еден активен случај