Судењето за убиството на Денис Тот: Обвинителството бара казна, одбраната ослободување на тројцата обвинети

Барање да им се изрече казна за убиство со умисла од Обвинитеството, но и барање да бидат ослободени тројцата обвинети се слушнаа денеска на завршницата од судењето за убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот. Пресудата ќе се изрекне на 30 ноември.  Обвинителката Тања Трајчевска во завршен збор рече дека кривичното дело убиство е докажано. Според неа настанот од снимките и сведочењата е јасен а обвинетите Анџело Ѓеорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски со умисла му ги нанеле ударите на Тот, биле свесни за своите постапки и смртните последици кои можеле да настапат.

-Откако оштетениот паднал на асфалтот и истиот бил удиран од страна на обвинетите Клементина и Андреј со повеќе удари зададени сите во главата, додека оштетениот безпомошно лежел на асфалтот, зборува дека обвинетите имале умисла за сторување на кривичното дело, односно дека истите биле свесни дека поради нивното сторување може да настапи штетна последица но се согласиле со нејзиното настапување, наведе таа.

Од одбраната побараа ослободителна пресуда. Адвокатот Иле Танев, кој го застапува обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски истакна дека нема кривично дело убиство.

-Двата удара на Анџело Ѓорѓиевски кон Денис Тот не довеле до негова смрт. Обвинителството со никаков доказ во прилог на обвинителниот акт не ја докажа причинско-последичната врска со двата удари на обвинетиот со смртниот исход,рече Танев во завршните зборови.

И адвокатите на обвинетата Клементина Лефковска рекоа дека не се докажало дека таа му ги задала ударите кои предизвикале смрт кај хрватскиот ракометар Денис Тот.

-Мојата клиентка била жртва на Тот бидејќи ја малтретирал, рече адвокатот Бојан Василевски.

И одбраната на обвинетиот Андреј Костовски во завршните зборови посочи дека не задал удари кои биле смртоносни за Денис Тот.

Инцидентот се случи пред ноќен клуб во Градски парк на 7 април годинава. Неколку дена подоцна хрватскиот ракометар Денис Тот почина на скопските клиники. Обвинетите негираа вина а денеска на самиот крај од судењето изразија сочувство за настанот. Правниот застапник на семејството Тот побара отштета од 9 милиони денари.

Претходна вестНема договор, автобусите 9, 12, 22, 23 и 45 на „Слобода превоз“ и утре нема да возат
Следна вестАрсовска: Кој ќе му ги одземе ингеренциите на Ковачевски за автопатот Кичево –Охрид, за Клинички центар…