Танцов перформанс што не смее да се пропушти: „Јовано, Јованке“ вечерва во МКЦ

Идеите и предизвиците на една млада девојка во време на динамика и социјални мрежи, вечерва, со почеток во 21 часот во Младинскиот културен центар, преку танцов перформанс ќе ги претстави Јована Зајкова.

Изведбата е под насловот „Јовано, Јованке“, а според организаторите „ова не смее да се пропушти“.

– Ова е претстава за Јована – креативен, нефиктивен лик и мешавина од нејзините размисли и идеи. Наместо да ги пласира на социјалните мрежи користејќи ги најновите и најмодерни филтри и ефекти, Јована реши да ги претстави на сцената. Па сите вие на кои ви се потроши батеријата на телефонот, ве заболе прстот од скролање или, пак, едноставно сакате во живо да ѕирнете во нечија туѓа интимност, ова е настан што не би сакале да го пропуштите, велат организаторите.

Перформансот „Јовано, Јованке“ е развиван како авторски проект на Зајкова, во рамките на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво, па женско – испробување феминистички иднини“.

Претходна вестКоалиционо – владејачки приоритети: Ако може Гаши, зошто да не и ние!
Следна вестСловенечкиот Уставен суд ја отфрли задолжителната вакцинација