Треба итно да се укинат или драстично да се скратат функционерските апанажи

Полека доаѓа време на избори. Полека многумина пратеници, министри, директори… ќе се збогуваат од удобните државни фотелји. Ќе ги нема и бајаги високите плати.

Ама, многумина од нив ќе можат да си побараат апанажа, односно, да примаат плати и натаму во одреден период без да одат некаде на работа. Така било според закон.

Колку такви функционери ќе има засега е неизвесно, но искуствата покажуваат дека секогаш ги има десетици и десетици. Некои досегашни пресметки покажаа дека само во минатата година за апанажите месечно се исплатувани околу 40.000 евра, односно, пола милион евра годишно. А сега апанажите ќе бидат и значително поголеми бидејќи функционерите веќе неколку месеци примаат и значително зголемени плати – за цели 78 проценти.

Има ли Македонија пари за сето ова? Треба ли износите за апанажа да се намалат значително? Можеби треба и да се укинат?

Во услови на криза, на постојани апели да се штеди, треба да се размисли брзо и да се делува уште побрзо.

 Според се уште актуелниот  Закон за плати и надоместоци за избрани и именувани лица апанажите може да траат и цела година дена.

-Пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник, претседател и премиер, кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, да може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа: три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци, шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест до 12 месеци, девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 до 24 месеци и 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе, предвидува Законот.

Зошто, функционерите би биле посебно привилегирани во однос на останати граѓани кои остануваат без работа?

Годинава Уставниот суд донесе одлука со која го намали кругот на корисниците на апанажите. Па, така, одлучи право на неа да немаат оние функционери коишто поднеле оставка или, пак, биле разрешени. Но, уставните судии решија да не ја укинат целосно апанажата оти сметале дека функционерите треба да имаат право на надомест, како што обичните работници имаат право на надомест во случај на невработеност. Односно, дека и тие и тие имаат право да бидат згрижени. Но, паричната разлика во тоа „згрижување“ е огромна…

Оттаму, во ситуација кога следната година ќе се случат изборите и кога ќе следи бран на барања за апанажа, време е сега да се делува околу, од народот нежно наречените – „лапанажи“. Изборот треба да биде меѓу нивното укинување или значително намалување.

Претходна вестГермански медиуми: За стан од 80 квадрати во Германија треба да се заработат 8.000 евра месечно
Следна вестСо автомобил удрил во карпа, сообраќајка на патот Макеоднска Каменица – Кочани