Трудољубивоста е поважна од талентот

 

На своите врсници обично им препорачува дека „не е страшно да не се успее, страшно е да не се обидеш.” А 18-годишниот Сотир Собралиев во своите обиди најчесто постигнува успеси. Сега дојде до тоа да биде првенец на генерацијата во Средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“ во Скопје. Се определил за насока електротехничар за компјутерска техника и автоматика, а сега планира да се запише на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжењерство. Инаку, во слободно време ужива да гледа филмови и да се бави со фитнес.

 Зад признанието „Првенец на генерацијата“ стои континуиран труд како и амбицијата за надградба и упорноста да се постигне нешто повеќе. Тие за мене беа движечки сили. Ова за мене е од огромно значење и претставува признание за досегашните постигнувања и мотивација за уште поголеми успеси во иднина, ни вели Сотир.

Вели дека секогаш го интересирала технологијата, за тоа како е направен еден компјутер, како може совршено да функционира, да се доаѓа до брзи одговори, до макрокосмичката интернет мрежа која постојано се усовршува и унапредува... Па така  посакал да се запише во училиште кое што ќе му овозможи да учи за технологијата и да може да ги прати новите трендови, откритија, предизвици и проекти кои го прават светот подобро место за живеење. Клучна била и посетата на самото училиште каде бил топло пречекан кога дошол да побара дополнителни информации.

 Секогаш упорната работа го надополнува талентот. Ако си талентиран, а не работиш на истото, да го надополнуваш и надградуваш, тогаш талентот не може да опстои. Напорната работа секогаш дава плод. Преку неа секој може да дојде до посакуваната цел. Трудољубивоста е секако поважна од талентот, ни потенцира овој одличен ученик.

Сотир ни вели дека со својата генерација на свој грб ги почувствувале сите позитивни и негативни страни на реформите кои биле правени во нашето образование. Ставот му е дека нашиот образовен систем е далеку од идеален. Тој смета дека се потребни повеќе промени за системот да се подобри. Смета дека е потребно да се укине државната матура бидејќи е неправедно со еден четиричасовен тест во неважечка позиција да се доведат оценките добиени во текот на четиригодишното образование. Уште понеправедно е тоа што матурските оценки имаат 40-процентното влијание на упис на факултет.

Нашиот образовен систем цели да воведе странски програми кои што се далеку полоши од нашите и бараат според мене доста непотребни работи. Јас не сум против новите нешта, напротив ги поддржувам, но секако тие пред да се воведат треба добро да се проверат, да се изврши соодветна консултација, потенцира тој.

Смета и дека дигиталните учебници треба да бидат само дополнителна алатка, дека наставата по природните науки треба да се осовремени со бројни лаборатории за истражување и да се најде начин најдобрите ученици да се мотивираат да стануваат наставници.

-Треба и да се смени менталитетот на родителите кои имаат една чудна навика од децата да бараат да носат дома добри оценки без разлика дали и колку знаат, нагласува Сотир.

Претходна вестМВР: Санкционирани 41 технички неисправни возила што вршат јавен превоз на патници
Следна вестВојни на иднината