Угостителите не сакаат средба во Владата на која би се зборувало за поддршка на секторот во услови на пандемија, ако на неа не присуствува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Претставниците на Независната угостителска комора (НУК) велат дека нема да одат на состанокот закажан за попладне на кој наместо Битиќи, кој бил отсустен, ќе е некој од неговиот кабинет.
-Не сакаме да се сликаме, да бидеме декор дека наводно сме преговарале, вели претседателот на НУК, Здравко Јосифовски и предлага да одат на средбата во Владата претпладне со четирите стопански комори.
На оваа средба со коморите наводно ќе се зборува за петтиот антикризен пакет – мерки кој е веќе донесен, но без угостителите и музичарите.
Она што го имаат како информација е дека ќе продолжи субвенцијата за плати во угостителската индустрија, но нивините барања се поголеми – поддршка за покривање на загубите на угостителите во висина на 20-те милиони евра за сите 6.500 угостителски објекти, да се донесе одлука и да биде сукцесивно распределена од 1.000 до 5.000 по угостителски објект, и поддршката да биде до завршување на пандемијата.
Дополнително, бараат субвенции и за ноќните клубови, за рестораните кои организираат прослави и настани и за естрадните уметници кои се без настапи поради мерките и кризата.