Уставниот суд ќе оформи предмет во кој ќе води постапка за оценување на уставноста на Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги.
-Oвој предмет е формиран согласно деловничките одредби со кои даваат овластување судот сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт. Согласно Деловникот, овој предмет е предаден на судија известител и советник на Судот и веќе се води претходна постапка за испитување на уставноста на Упатството, се наведува во соопштението од Судот.
Упатството е донесено од страна на Министерството за правда на 29 мај годинава и предизвика голем интерес кај јавноста бидејќи со него се предвидува можноста за впишување етничката припадност на граѓаните во изводите од матичните книги. Правните експерти укажуваат дека упатството, кое е подзаконски кат, не може да биде над законите од кои произлегува.





