Владата синоќа разгледа и усвои текстот на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на македонскиот Устав и одлучи документот да биде доставен до Собранието. Во соопштението се наведува дека Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работната група составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети во државата како и претставници на политички партии, и тоа со едногласна поддршка на содржината на текстот. Предлогот е изработен врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија донесени на седницата одржана на 16.7.2022 година, а врзани со Заклучоците на Советот на Европската Унија, и Заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.
-Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот, се наведува во соопштението.
Се додава дека со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Македонија.
-Владата оценува дека пред граѓаните и државата е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година. Исто така, во услови кога во геополитичкиот контекст, нашите стратешки пријатели САД и државите членки на НАТО и на ЕУ во Република Северна Македонија гледаат фактор на стабилноста, ни доликува, како граѓани и како држава – доверлив партнер на демократската меѓународна заедница, да придонесеме во безбедноста на регионот и ЕУ. Од сите овие причини, Владата очекува конструктивност од сите политички субјекти претставени преку пратениците во Парламентот, совесност од сите пратеници и фокус кон постигнување натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Ваквата одлука на Собранието на Република Северна Македонија ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ. Владата повикува на разум и свесност за актуелниот моментум во којшто државата ја има можноста да избегне повторна многугодишна изолација и напротив, конечно да ги реализира европските перспективи, се наведува во информацијата.




