Уставните судии ја аминуваа употребата на прислушуваните разговори како докази

Употребата на прислушуваните разговори како докази во судските постапки не е прекршување на уставноста, реши денеска Уставниот суд. Судиите одлучија да не поведат постапка за иницијативите за оценување на уставноста на членот 110 од Законот за јавното обвинителство од 2020 година.

Овој член дозволува Јавното обвинителство да може да го заснива обвинението врз основа на содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година согласно со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. По овој датум, материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог.

Овие одредби пред Уставен суд ги оспорија  Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје и Влатко Илиевски, адвокат од Скопје. Според подносителот на иницијативата, здружението „Светски македонски конгрес“, членот 110 од Законот за Јавното обвинителство, вршел флагрантно кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, го нарушувал владеењето на правото и не ги почитувал општо прифатените норми на меѓународното право , ја нарушувал еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите ….

Со втората иницијатива, поднесена од Влатко Илиевски, се оспорува член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство, поради повреда на владеење на правото, член 9 став 2 – еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, Амандман 19 на Уставот – неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација и член 52 став 4 – забрана на ретроактивно дејство на законите од Уставот. Според подносителот, до поднесување на иницијативата сеуште не било докажано кој го наредил прислушувањето на материјалите кои биле искористени од страна на Обвинителството како доказен материјал за обвиненијата поднесени до судот до 30 јуни 2017 година. Илиевски сметал дека легализирањето на незаконски прислушуваните разговори, селективно извадени од Обвинителството од содржината на стотиците илјади незаконски прислушувани разговори во период од осум години, претставувало груба повреда на правото на приватност и било во спротивност со критериумот „Неопходност во услови на демократско општество“ на кој упатува став 2 од Амандманот 19 на Уставот.

Претходна вестЛевица бара подигање на споменик за загинатите во терористичкиот напад во Диво Насеље
Следна вестИскршени летниковците покрај велешко езеро „Младост“