Вандализам врз Споменикот на револуцијата во Тетово

Непознати вандали ноќеска го оштетиле Споменикот на победата во строгиот центар на Тетово, на кој е сронет дел од малтерот на основата. Најверојатно со камења е искршен дел од предниот лик на ова спомен обележје посветено на загинатите борци во Народно-ослободителната војна. И во минатото, овој споменик многупати беше вандализиран.

Општинската организација на Сојузот на борци Тетово го осуди овој потег.

-Општинската организација на Сојузот на Борци најостро го осудува овој вандалски и нецивилизациски однос на поединци и групи кои го оштетиле споменикот на револуцијата, а кој ја симболизира антифашистичката борба на македонскиот народ и од другите националности кој несебично се жртвуваа за национана слобода. Бараме сторителите да бидат откриени и кривично да одговараат за стореното, реагираа од организацијата.

Споменикот на победата, кој денес е познат и под името Споменик на револуцијата, е посветен на триумфот на антифашистичките сили во Народноослободителната војна. Тој е изграден во 1962 година и е дело на првата тетовска вајарка Борка Аврамова.

Претходна вестПолицијата одзеде повеќе од 10 килограми злато од златарниците во Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево
Следна вестВработени во јавно претпријатие се тепале на паркинг