Ново загадување на реката Вардар се случи денеска во претпладневните часови во подрачјето на Ново Лисиче. Водата е жолта, со железна боја, слично каква што беше во септември минатата година. Очигледно е дека се работи за поголемо загадување.
Веста за ова на својата Фејсбук – страница ја објави риболовното друштво „Рибар 2011“ со цел да се алармираат надлежните служби.
-Река Вардар, мост кај Долно Лисиче. Некој злоупотребува неработен ден и избори. Изгледа повторно некоја цевка “пукнала”! Поздрав до Министерство за животна средина и просторно планирање, Инспекторат на град Скопје, Град Скопје, се наведува во објавата на ова друштво.
Градските инспекциски служби соопштија дека се веќе на терен и дека земаат узорци од водата.
-Во координација со Државниот инспекторат за животна средина испратени се инспектори на терен. Ќе се земат урнеци од водата и доколку се работи за истиот сторител од минатиот пат овој пат казната ќе биде многу поригорозна. Минатиот пат правниот субјект беше казнет со 100.000 евра, соопшти Инспекторатот на Град Скопје.
Зад минатогодишното загадување на реката тогаш стоеше фирмата Арчелор Митал која соопшти дека дошло до пукање на системот, по што се излеала комбинација на железо и киселина.